Централната банка на Русија (БЦР) соопшти дека од денеска до крајот на оваа година нема да купува девизи на девизниот пазар за да го запре падот на вредноста на рубљата, кој е на најниско ниво во однос на доларот и еврото од средината на март 2022 година.
Пред почетокот на руската војна против Украина во 2022 година, доларот во просек се продаваше за 75-80 рубли, пренесува Бета.
Во првиот квартал од 2022 година, во првите недели од руската офанзива во Украина, рубљата ослабе и веќе на 11 март 2022 година, курсот беше 120 рубли за еден долар или едно евро.
Потоа Западот воведе низа санкции во обид да ја разниша руската економија, но рубљата се задржа, иако нестабилна, три години.
Денеска околу пладне беше надминат симболичниот праг од 110 рубљи за еден долар, јавува агенцијата Риа Новости, повикувајќи се на податоци од пазарот.
На крајот на денешниот работен ден, БЦР преку соопштение објави дека „одлучила да не купува валути на домашниот девизен пазар до крајот на 2024 година“.
„Одлуката е донесена со цел да се намали нестабилноста на финансискиот пазар“, банката ја оправда својата одлука, додека слабеењето на рубљата кое трае со денови го загрижува раководството, инфлацијата е висока, на 8,5 проценти, а властите очекуваат забавување на економијата во 2025 година.
БЦР прецизираше дека евентуалното „обновување на работата на домашниот девизен пазар“ ќе зависи од реакцијата на другите финансиски пазари и веднаш најави дека курсот за четврток ќе го постави на 108,01 рубља за еден долар и 113,09 за едно евро.
Во последните денови, геополитичкиот контекст во однос на Украина е неизвесен – враќањето на непредвидливиот Доналд Трамп во Белата куќа во јануари се чини дека влијаеше на довербата на инвеститорите во рубљата, на ист начин како и најновите американски санкции против Москва.
Минатата недела Вашингтон објави серија санкции против околу 50 руски банки, вклучително и Газпромбанк, финансиската гранка на државниот гасен гигант Газпром, која специјално се користи за наплата на странски клиенти за енергија.
Овие ограничувања се насочени и кон други мали или средни претпријатија за кои Русија се сомнева дека ги користи за да ги канализира своите плаќања за опрема и технологија што ги набавува од странство.
Послабата валута значи дека рускиот извоз е поевтин на светските пазари, но и дека Русите мора да трошат повеќе за увоз на стоки од странство, што предизвикува страв од разгорување на постојаната инфлаторна спирала.