Ругенат: Економска стабилност преку фискална дисциплина е вистинскиот пат за Северна Македонија

– Извршниот директор во Одборот на Групацијата Светска банка – Холандска Конституенца, Јуџин Ругенат вели дека вистинскиот пат за Северна Македонија е економската стабилност преку фискалната дисциплина.

Во интервју за „Гласот на Америка“, Ругенат вели дека Светска банка преку новата Рамка за партнерство ја продолжува 30-годишната поддршка на земјата, која е на вистински пат да спроведе структурни реформи.

– Северна Македонија е на пат на спроведување структурни реформи, и тоа не само економски и за подобрување на конкуреноста на пазарот, туку и во зајакнување на Владата, јавните финансии, создавање фискален простор за инвестиции во инфраструктурата,  во човечки капитал. Но, охрабрен сум од излагањето на министерот за финансии, кој е дел од Владата, што планира економска стабилност преку фискална дисциплина и за нас тоа е уверување дека Северна Македонија е на вистинскиот пат, вели Ругенат.

Тој напоменува дека новата Рамка е поддршка на земјата во спроведување на нејзините приоритетни програми, врз основа на кои се развиени структурните реформи преку кои земјата ќе создаде перспектива за економски раст и стабилност, инвестиции, поголема фискална дисциплина, поголем фискален простор за инвестиции во инфраструктурата, во образованието, во зголемување на конкурентноста на малите и средните претпријатија, но инклузијата и инвестирањето во образованието на жените и младите.

Тоа, според него, е вложување во креативна, позитивна перспектива за државата која ќе значи работни места, поголема отпорност на надворешни потреси, спречување одлив на мозоци, односно целокупно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.