Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, проговори во јавноста за проблемите со алкохолот со кои се соочуваше на почетокот на својата блескава кариера.
Руни, кој сега е тренер на второлигашот Бирмингем, рече дека во времето на своите фудбалски почетоци прекумерно консумирал алкохол за да се избори со притисокот кој му го донела популарноста.
Руни на 16-годишна возраст дебитираше за Евертон, а една година подоцна стана англиски репрезентативец. На 20 години го облече дресот на Јунајтед за кој на 559 натпревари постигна рекордни 253 голови. До неодамна беше и најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација.
„Мојот спас во раните деведесетти години од минатиот век беше алкохолот. Ќе отидев дома и не излегував надвор по неколку денови. Пиев додека речиси не се онесвестам. Не сакав да бидам во близина на луѓе, бидејќи понекогаш чувствував срам. Понекогаш чувствуваш дека си ги изневерил луѓето, а јас не знаев како поинаку да се носам со тоа“, рече Руни во поткастот на поранешната рагби ѕвезда Роб Бароу.
Легендарниот фудбалер на Јунјатед наведе дека сега не се плаши да разговара за проблемите.
„Ако не прифатите помош може навистина да се најдете на лошо место, а јас бев таму неколку години. За среќа, сега не се плашам да разговарам со луѓето за проблемите“, додаде Руни.