Русинка меѓу првите што го посетија новото одморалиште во Северна Кореја, тврди: „Нема никаква опасност“
Русинката Анастасија Самсонова помина една недела во новиот одморалиште Вонсан-Калма во Северна Кореја и опиша какво било ова необично искуство.
Таа беше дел од туристичка група од 15 Руси. Тие беа првите туристи во одморалиштето, кое го отвори Ким Џонг Ун минатиот месец.
„Не видовме ништо страшно таму, немаше никаква опасност. Да бидеме искрени, навистина ни се допадна“, изјави таа за Скај њуз .
Што се однесува до меѓународните туристи, одморалиштето Вонсан-Калма моментално е отворено само за Руси. Таа рече дека хотелот во кој престојувала бил многу убаво декориран.

Кога ја прашале зошто го одбрала токму ова место за одмор, таа одговорила дека ја интересира како живеат луѓето во Северна Кореја.
„Имаше многу предрасуди за тоа што можеш, а што не можеш да правиш во Северна Кореја, како можеш да се однесуваш… Всушност се чувствувавме апсолутно слободни“, рече таа.
Русија и Северна Кореја градат поблиски врски по инвазијата на Кремљ врз Украина. Минатата година, севернокорејските трупи обезбедија воена поддршка во Курската област, а сега постои и економска соработка.
Севернокорејските производи, вклучувајќи јаболка и пиво, почнаа да се појавуваат на полиците во супермаркетите на рускиот далечен исток. Минатиот месец, Москва воспостави директни летови до Пјонгјанг за прв пат по децении.
Ирина Кобелева, директорка на руската туристичка агенција „Восток Интур“, тврди дека имаат околу 400 резервации за патување за Северна Кореја месечно.
„Нашите туристи се претежно постари луѓе кои сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз, бидејќи мислат дека Северна Кореја е многу слична на она што беше Советскиот Сојуз, но во исто време интересот на младите луѓе расте“, рече таа.