Русите вршат притисок врз Вучиќ за оружјето во Украина: „Се надеваме дека го решил проблемот“

Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко, изјави дека се надева оти српскиот претседател Александар Вучиќ го „решил“ прашањето за извоз на муниција од Србија, која, според Москва, завршила во Украина.

Во интервју за белградскиот весник „Политика“, Харченко рече дека станува збор за „загрижувачка ситуација“ во односите меѓу двете земји.

Тој потсети дека односите меѓу Белград и Москва се „генерално позитивни“, но дека имало и моменти што предизвикале загриженост, вклучително и обвинувања дека српската муниција завршувала во рацете на украинските вооружени сили.

„Исто така, имаше ситуација во врска со пристигнувањето на српска муниција во украинските вооружени сили, која претседателот Вучиќ, се надеваме, ја реши веднаш“, рече Харченко.

На крајот на јуни, Министерството за одбрана на Србија објави дека, по наредба на претседателот на државата и врховен командант на српската армија, извозот на оружје и воена опрема произведени во Србија е суспендиран. Одлуката е донесена откако Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) го обвини Белград за индиректна продажба на артилериска муниција на Украина преку посредници во Чешка и Бугарија. Ова беше второ такво обвинување од Москва за само еден месец.

Вучиќ потоа, по состанокот со военото раководство, потврди дека Србија ја прекинала целата продажба на оружје, но без директно да ги коментира тврдењата на руското разузнавање дека српската воена индустрија е „свесна за вистинските потрошувачи“ на своите производи.

Во интервју за „Политика“, Харченко призна дека постои проблем со таканаречените „крајни корисници“ на извезеното оружје, но верува дека Вучиќ „конечно нашол решение“ што спречува злоупотреба и можност српското оружје да заврши во Украина.

„Не велам дека Србија директно му испорачувала оружје на Киев“, нагласи рускиот амбасадор.

Тој потсети дека Србија не се приклучила на меѓународните санкции против Русија, ниту пак планира да го стори тоа. Додаде дека руско-српската соработка продолжува, иако „не оди со исто темпо“ поради, како што тврди, антируското расположение на повеќето земји околу Србија. Санкциите, рече тој, создаваат и логистички пречки, но Москва и Белград продолжуваат да соработуваат на економски план.

Србија ја смета Русија за традиционален сојузник и е значително зависна од испораките на руски гас. Моментално има поволни договори со Москва, кои се стреми да ги продолжи во наредниот период.