Русите го блокираа Вибер, а објавена е и причината зошто го направија тоа

Руските власти ги блокираа услугите на апликацијата Вибер, велејќи дека операторот го прекршува законот, објави тамошниот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор.

Регулаторот изјави дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, била користена за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.

– Обвинителите го истражуваа Вибер за ширење информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија – пренесе државната новинска агенција ТАСС.

За ваквата одлука на руските власти нема коментар од Вибер. Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да собираат приватни податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видеа и да им ги дадат на разузнавачките служби на барање.

Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина. Вибер беше казнет минатата година за наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.

Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. LinkedIn, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без VPN (виртуелна приватна мрежа).