Русите го погодија украинското пристаниште на границата со Романија – голем гнев во Букурешт и бурни реакции: “Ги прекршија правилата!“
Романија го осуди нападот од страна на руско беспилотно летало врз украинското пристаниште Рени во близина на нејзината граница, кое стана од витално значење за киевската рута за извоз на жито преку реката Дунав. Официјален Букурешт вели дека нападот на Рени, на спротивниот источен брег на Дунав, го прекршил меѓународното хуманитарно право, но не и се заканувало на Романија.
„Овие напади врз цивилни цели и инфраструктура во Украина се неоправдани“, соопштува официјален Букурешт, пренесува весникот The Telegraph.
Официјалните лица во Одеса изјавија дека 25 руски беспилотни купени од Иран го нападнале пристаништето во текот на ноќта. Три беспилотни летала ги пробиле украинските системи за против-воздушна одбрана, го погодиле пристаништето и повредиле две лица.
Нападот врз Рени е дел од поширокиот напад на руските беспилотни летала врз украинските извозни капацитети пред средбата меѓу Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Сочи, на која се разговара за повторно воспоставување на прекинатиот договор за жито во Црното Море.
Инаку, Рени лежи на најзападната точка на Украина, на границата со Романија и Молдавија. Пред војната практично не се користеше за извоз на жито, но беше обновено бидејќи Украина бараше алтернативни извозни патишта до Црното Море.
Молдавија, со која некогаш владееше Москва, исто така го критикуваше нападот. Тамошната Влада, која застана на страната на Украина, го обвинува Кремљ дека се обидува да ја дестабилизира земјата.
„Русија мора да биде одговорна за секое уништено парче инфраструктура“, порача Маја Санду, претседателка на Молдавија.
Кремљ ја напаѓа украинската инфраструктура за жито од јули, кога беше откажан договорот што ѝ дозволуваше на Украина да извезува жито од нејзините пристаништа на Црното Море. Беше кажано дека Русија се повлекла од споменатиот договор бидејќи Украина одбила повторно да го отвори цевководот за амонијак што минува од централна Русија до Црното Море.