РУСИТЕ ГО ПРОДАВААТ СТАНОТ НА ЗЕЛЕНСКИ: На Крим почна лицитацијата на национализираниот имот на украинските олигарси

На Крим се одржаа првите осум аукции за продажба на национализираниот имот на украинските олигарси кои усвоија непријателски однос кон Русија, објави претседателот на Кримскиот парламент Владимир Константинов.

Склучени се купопродажните договори во вредност од над 815 милиони рубљи (околу 8,5 милиони долари), рече тој и додаде дека станува збор за станбени и деловни објекти.

Како што наведе, по аукциите буџетот на Крим треба да се зголеми за околу 27 милиони рубљи.

Претходно, парламентот донесе одлука за национализација на неколку украински олигарси поврзани со режимот во Киев.

Меѓу нив се, меѓу другите, најбогатиот Украинец Ринат Ахметов, бизнисменот Игор Коломојски кој неодамна беше уапсен во Киев под обвинение за корупција, поранешниот украински премиер Арсениј Јацењук.

Планирано е на овој начин да се продадат околу 100 згради, меѓу кои и станот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во одморалиштето Ливадија.

Според лидерот на Крим Сергеј Аксјонов, добиените средства ќе бидат наменети за учесниците во специјалната воена операција.