Ова оружје влијаеше на исходот на војните ширум целиот свет и ги прослави руските оружари.
1) Мосинова пушка
Репетирката со 5 куршуми е произведена 1891 година. Користи муниција со димензии 7,62×54 мм која визуелно може да се спореди со муницијата на НАТО .308 „Винчестер”.
Со децении оваа пушка се покажа како многу сигурно и прецизно оружје. Руските војници ја користеа во многу битки кои ги потресоа темелите на Русија – во Првата светска војна (1914-1918), во Граѓанската војна (1917-1922) и во Големата Татковинска војна (1941-1945).
Таа истовремено е и една од најмасовно произведуваните пушки во историјата. Од 1891 година се направени 37 милиони Мосинови пушки.
И покрај својата „старост“ пушката сѐ уште на разни начини се користи во современите вооружени конфликти.
„Дури може да се сретне и во снајперска варијанта на фронтовите во Сирија. „Мосинката“ на пазарот чини околу 200 долари и е една од најевтините пушки кои користат моќна муниција и можат да се применуваат во екстремни климатски услови“, истакнува Дмитриј Сафонов, воен аналитичар на весникот „Известија“.
2) АК-47
Ова класично руско огнено оружје стана темел за сите подоцнежни модели. Во Русија тоа беше првата полуавтоматска и автоматска пушка со муниција со димензии 7,62×39 мм. Таа го овековечи во светот својот конструктор Михаил Калашников, човекот кој го напушти училиштето по седмо одделение, а денес е познат како еден од најголемите конструктори на оружје во историјата.
Во текот на целата Голема Татковинска војна, руските производители на оружје деноноќно работеа трудејќи се да создадат ново оружје кое ќе ја смени ситуацијата на фронтот, а таа сѐ до 1943 година не ѝ одеше во прилог на Русија.
Денес историчарите дискутираат за тоа како би се одвивала војната доколку Калашников не ја конструираше пушката неколку години претходно. Работата на конструирањето почна последните години од војната, а година дена подоцна „Калашников“ беше тестиран, по што со децении беше главното стрелечко оружје на војниците на Советскиот Сојуз и целиот Источен блок.
„Многумина историчари и познавачи на оружјето забораваат дека АК-47 во денешниот вид претрпе многубројни измени и подобрувања и дека својот конечен и класичен изглед го доби на почетокот на 1960-те. Често погрешно се тврди дека тоа оружје можело да го измени текот на Втората светска војна. Оружјето е модифицирано цели 15 години и дури потоа стана идеално“, вели Сафонов.
Денес, 70 години по конструирањето, АК-47 и понатаму е една од најчесто користените автоматски пушки во војните ширум светот, пред сѐ затоа што е сигурна, евтина и користи моќна муниција со димензии 7,62×39 мм.
Според истражување на Оксфордскиот универзитет, денес во светот постојат околу 100 милиони автоматски пушки „Калашников“, а од тоа 75% се моделот АК-47.
3) АК-74
За да се конструира нова автоматска пушка која ќе ја смени претставата за стрелечкото оружје, најпрвин требаше да се создаде нов куршум. Така и настана автоматот АК-74, кој во советската армија го замени моделот АК-47. Новата автоматска пушка користи муниција со димензии 5,45×39 мм место старите куршуми со калибар 7,62 мм.
„Имаше многу причини да се промени муницијата. Со куршумите калибар 5,45 мм АК-74 е попрецизна, куршумот лета подалеку, а отскокот е помал. Јуришната автоматска пушка благодарејќи на овие промени стана полесна за 2 кг. Точно е дека калибарот 7,62 е помоќен, но на војниците и конструкторите сите останати фактори им беа поважни и благодарејќи на тоа производството на оружје направи голем исчекор“, вели експертот.
АК-74 првпат е применета во војната во Авганистан (1979-1989). Судејќи според книгата „Пушка“ на Кристофер Чиверс, ЦИА понудила награда од 5000 долари на оној кој ќе го заплени овој автомат.
Руската армија сѐ уште ја користи АК-74, но оваа пушка наскоро ќе биде заменета со АК-12 како главна автоматска пушка на руските војници.
Најновата јуришна автоматска пушка АК-12 никогаш порано не беше прикажана на јавноста, а сега првпат можете да ја погледнете само овде, на каналот Russia Beyond.