Русите конечно открија каде исчезна познатиот и моќен ‘генерал Армагедон’: “Во моментов е недостапен…“
Генералот Сергеј Суровикин, заменик командант на руските воени операции во Украина, кој не е виден во јавноста од минатомесечниот вооружен бунт на групата Вагнер наводно „е на одмор“, соопшти во средата претставник на владејачката партија во Државната Дума (Парламент).
Андреј Картаполов, претседател на Комитетот за одбрана на Државната Дума, може да се слушне како вели на видеото објавено на социјалните мрежи: „Сергеј Суровикин моментално одмара. Тој во моментов не е достапен“.
Сергеј Суровикин, наречен и како „Генерал Армагедон“ од рускиот печат поради неговата агресивна тактика во сирискиот конфликт, последен пат беше виден во јавноста кога упати видео повик за прекин на бунтот на борците на платеничката група Вагнер на 23. и 24. јуни.
Сергеј Суровикин, наводно, имал добри односи со Вагнер и Евгениј Пригожин, кои го пофалиле генералот и во исто време ги навредувале другите членови на руското воено раководство, особено министерот за одбрана Сергеј Шојугу и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов, за нивното однесување за време на војната во Украина.
Според весникот New York Times, кој се повикува на американски разузнавачки извори, Сергеј Суровикин однапред знаел дека се подготвува бунт и руските власти проверуваат дали тој е вмешан во истиот.
Минатиот месец некои руски и странски медиуми објавија дека Сергеј Суровикин е уапсен, но засега нема официјална потврда дека е во притвор. Кремљ одбива да одговори на прашања за судбината на генералот.
Бунтот, за кој претседателот Владимир Путин кажа дека би можел да ја втурне земјата во граѓанска војна, е најголемиот предизвик со кој се соочил првиот човек на Кремљ во неговите 23 години на власт.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Русија во понеделникот го покажа генералот Валериј Герасимов, началникот на Генералштабот на вооружените сили, во јавноста за прв пат по неуспешниот бунт на платеничката група Вагнер на 24. јуни, знак дека тој ја задржал својата функција.
Валериј Герасимов (67 г.) е третиот најмоќен човек во руската Армија по претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Се верува дека тој држи една од трите нуклеарни актовки со наредба за нуклеарен напад со нив.
Валериј Герасимов одигра клучна улога во преземањето на Крим од Украина од страна на Русија во 2014 година и во воената поддршка на Русија за претседателот Башар ал Асад во сириската граѓанска војна.
Во јануари Владимир Путин го назначи Валериј Герасимов да раководи со кампањата во Украина, а генералот Сергеј Суровикин беше назначен за еден од тројцата заменици.