Русите многу помалку летаат над источна Украина по неколкуте соборени авиони во последните денови

 – Руските воздушни операции над источна Украина значително се намалија откако украинската противвоздушна одбрана неодамна собори неколку руски авиони, наведуваат властите во Киев. 

„Одбранбените системи на западните партнери се ефикасни“, ги пренесе украинска „Правда“ зборовите на портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат во Киев.

Според украинските извештаи, неколку руски борбени авиони Су-34 и Су-35 беа соборени над источна Украина во последните денови. 

Руската војска официјално не ја потврди загубата на авионите.

Пред само неколку дена Украина соопшти дека нејзините сили собориле руски извидувачки авион А-50, додека во јануари собори и скапоцен и многу редок авион што се користеше за надзор на воздушниот простор.