– Русија во текот на ноќта изврши интензивни воздушни напади на украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.
Началникот на Градската воена управа на Киев, Сергеј Попко, на својот профил на социјалните мрежи објави дека Русите синоќа извршиле интензивни напади на Украина.
Посочувајќи дека нападите, според првичните проценки се изведени со стратешките авиони „Ту-95“, Попко наведе дека „тревогата за воздушни напади во главниот град траела околу три часа. Русите истовремено извршиле напади и со крстосувачки ракети и со беспилотни летала“.
Попко информираше и дека одбранбените системи во воздушниот простор на Киев ги уништиле сите руски ракети и беспилотни летала, и дека нема човечки жртви, како и дека не се оштетени станови ниту инфраструктурата.
Во соопштението на украинскиот Генералштаб се наведува дека руската војска синоќа со пет проектили ги нападнала градовите Краматоск, Константинивка и Павлоград.
На фотографиите објавени на социјалните мрежи во врска со нападите на градот Павлоград, може да се види дека се скршени прозорците на становите и дека во дел од градот избувнал голем пожар.
Началникот на Воената управа на Дњепарската Област, Сергеј Лисак, на својот профил на социјалните мрежи објави дека во руските напади на овој град се повредени 25 лица, меѓу кои и три деца.