Руските вооружени сили ги засилуваат напорите за регрутирање воени ветерани од паравоената група Вагнер. Четворица поранешни руски затвореници кои се бореле како дел од Вагнер во источна Украина изјавиле за New York Times дека добиле покани за нови договори во последните недели.
Тројца поранешни борци изјавиле за New York Times дека биле регрутирани во руската национална гарда Росгвардија, првично наменета како задна стража. Росгвардија стана позната за време на инвазијата на Украина под водство на Виктор Золотов, поранешниот телохранител на претседателот Владимир Путин.
„Вагнер официјално станува единица на руската гарда“, гласел текстот на регрутирањето во кој имал увид весникот New York Times.
Росгвардија се обидува да се претстави како наследник на Вагнер и паравоените сили на Кремљ. Вагнер претходно регрутираше затворски осуденици кои отишле во војна во замена за помилување. Најголемиот успех на Вагнер беше заземањето на градот Бахмут во источна Украина, што и ја донесе на Русија единствената значајна воена победа.
Набргу потоа, во јуни, ривалството меѓу Евгениј Пригожин и руската воена команда ескалираше кога основачот на Вагнер испрати неколку илјади војници да маршираат кон Москва. По бунтот, Евгениј Пригожин собра лојалисти во Белорусија, но продолжи да патува низ Русија. Падот на авионот во кој Евгениј Пригожин патувал со своите најблиски соработници во август западните власти го опишаа како атентат.
Смртта на Евгениј Пригожин доведе до подем на Виктор Золотов. Росгвардија премина во Украина за време на инвазијата за да помогне во окупацијата на освоената територија. Набргу по бунтот на Вагнер, Виктор Золотов објавил дека Росгвардија ќе добие тешко оружје. Тоа е вид на помош во која уживаше Вагнер додека Евгениј Пригожин беше мирен послушник на Владимир Путин.
Еден регионален вработен во Росгвардија, кој сакал да остане анонимен, неодамна изјавил дека силите формирале специјална бригада за да ги примат поранешните затвореници кои се бореле на страната на Вагнер. Државната телевизија на Русија во видео овој месец покажа дека поранешните членови на Вагнер тренираат во тактичката единица Ахмат на Росгвардија во Чеченија.
„Спасивме апсолутно сè“, изјавил за телевизискиот канал RT еден наводен борец, чија униформа ги имала ознаките Вагнер и Ахмат и додал: „Ние сме исти како што бевме порано“.
Тврдењата не можеа да бидат независно проверени, но тие укажуваат на целта за регрутирање на Вагнер.
Неофицијалните извештаи покажуваат и дека руската Армија е заинтересирана за регрутирање на Вагнерци. Независната руска медиумска куќа Important Stories овој месец објави владин документ во кој се вели дека членовите на Вагнер биле целна група.
Регрутирањето на Вагнерците е јасен показател за потегот на Кремљ да избегне уште една масовна рунда на мобилизација. Во текот на минатата година стотина илјади луѓе беа поканети да се приклучат на руската Армија, но сега, се чини, Владимир Путин е претпазлив во упатувањето јавна покана пред претседателските избори што ќе се одржат следната година.