Русија и САД ќе ја кројат судбината на Украина во следните 24 часа: Сите очи се вперени во Ријад, Зеленски направи шокантен потег
Во Ријад се е подготвено за првата средба меѓу руските претставници и претставниците на новата американска администрација за војната во Украина .
Американскиот претседател Доналд Трамп ги „вознемири“ европските сојузници по минатонеделните разговори со рускиот колега Владимир Путин.
Исто така, американскиот претставник Кит Келог, на Минхенската безбедносна конференција одржана викендов, јасно посочи дека Вашингтон не сака Европа на преговарачка маса да стави крај на тригодишната војна во Украина.
Американскиот државен секретар Марко Рубио веќе разговараше со домаќинот на средбата, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Претставници на Стејт департментот велат дека утрешната средба е можност да се види дали Русите се сериозно заинтересирани за постигнување мир. Претставниците на Путин велат дека на разговорите одат во деловно расположение.
Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател, рече дека прашање е како ќе се договорат за почеток на преговорите, бидејќи Американците се уште немаат именувано главен преговарач.
„Засега зборуваме само за билатерални разговори, поради што одиме во Ријад. Покрај министерот Лавров и јас, можно е во разговорите да се вклучи и првиот човек на рускиот Фонд за директни инвестиции“, рече Ушаков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека не може да се зборува за територијални отстапки за Украина во преговарачкиот процес, пренесува РТС .
„Дали сакате преговорите да ја вклучат можноста за отстапување на некои територии? Како да се отстапат? Со рускиот народ или без народот? Само со ретки метали“, праша Лавров.
Зеленски не ги признава преговорите во Ријад
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го посети Ријад ден по руско-американските преговори на кои не беше поканет. Од Абу Даби, каде што се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед, вели дека не ги признава преговорите во Саудиска Арабија.
„Украина не знаеше ништо за тоа и смета дека какви било преговори, без Украина, се преговори кои немаат резултат. Му реков на претседателот Трамп дека сакаме да го потпишеме договорот, но кога ги разгледавме деталите, видовме дека таму нема безбедносни гаранции. Чекаме американскиот пратеник Кит Келог да дојде во Киев на 20 февруари“, рече Зеленски.
Кит Келог во разговор со европските претставници рече дека ги гледа Украинците на преговарачка маса покрај Американците и Русите, но не и Европејците. Шефот на руската дипломатија смета и дека нивното учество би било јасно инсистирање за замрзнување на конфликтот, со намера да се продолжи војната.
Се размислува за испраќање европски војници во Украина
Сè почестите пораки од претставници на Трамп дека Европа нема интерес за преговорите за Украина, го вклучија алармот во Брисел и Париз, па францускиот претседател организираше итен самит. Се размислува и за испраќање европски војници во Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер нагласува дека позицијата на Украинците мора да продолжи да се зајакнува и дека, доколку дојде мирот што сите го посакуваат, тој мора да биде траен.
„Ова не се однесува само на Украина, туку и на безбедноста на Европа и Обединетото Кралство. Затоа мора да направиме повеќе за да го обезбедиме тоа“, рече Стармер.
Германскиот канцелар Олаф Шолц се прашува како да се гарантира мир ако одлуките се носат без Украинци.
„Јасно е дека е потребна силна украинска армија и тоа ќе биде главната задача за Европа, Америка и меѓународните сојузници. Исто така, јасно е дека не станува збор за испраќање европски војници додека трае војната“, рече Шолц.
„Вашингтон пост“ пишува дека европските земји размислуваат да распоредат од 25.000 до 30.000 војници во Украина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо вели дека Обединетите нации треба да одлучат за испраќање војници.