– Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Русија и Северна Кореја се договориле меѓусебно да си помагаат во случај ако биде нападната една од нив.
Говорејќи на прес-конференцијата во Пјонгјанг по средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, која беше директно пренесувана на веб-страницата на Кремљ, Путин рече дека безбедноста и меѓународните прашања се значајни теми на денешните разговори.
Рускиот претседател нагласи дека документот ја поставува и основата за воена соработка меѓу двете земји.
„Договорот за сеопфатно партнерство потпишан денес предвидува, меѓу другото, заемна помош во случај на агресија врз една од страните на овој договор“, рече тој.
Ким Џонг-ун, од своја страна, рече дека договорот е „мирољубив, одбранбен по природа“, додавајќи дека ќе го забрза воспоставувањето на мултиполарен свет.
„Овој моќен договор не е ништо повеќе од документ од навистина конструктивен, ветувачки, исклучително мирољубив и одбранбен карактер, дизајниран да ги заштити и брани основните интереси на народите на двете земји. Не се сомневам дека тој (договорот) ќе стане движечка сила за забрзување на воспоставувањето на нов мултиполарен свет“, нагласи Џонг-ун.
Севернокорејскиот лидер, исто така, го опиша договорот како важен документ што ќе ја постави основата за идната соработка меѓу двете земји, вклучително и во економијата, политиката и воените работи.