Русија и Украина: Путин се сретна со поранешниот командант на Вагнер, бара од него да ги води волонтерите

Кремљ вели дека Андреј Трошев, поранешен помошник на Евгениј Пригожин, сега работи во Министерството за одбрана на Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со еден од највисоките поранешни команданти на платеничката група Вагнер, за кој Кремљ вели дека сега работи за Министерството за одбрана.

Андреј Трошев е поранешен помошник на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа во август.

Неговата смрт дојде два месеци откако војниците на Вагнер тргнаа кон Москва, бидејќи Пригожин не беше задоволен од начинот на кој военото раководство се справува со војната во Украина.

Путин разговарал со Трошев „како доброволните единици можат да извршуваат различни борбени задачи, пред се во зоната на специјални воени операции (како што Москва ја нарекува војната во Украина), соопшти Кремљ.

„Самите се боревте во таква единица повеќе од една година.

Знаете што е тоа, како се прави, знаете за прашањата што треба однапред да се решат за се да функционира на најдобар и најуспешен начин“, рече Путин.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинската агенција РИА изјави дека Трошев „сега работи во Министерството за одбрана“.

Состанокот се случува кога Путин се обидува повторно да го потврди својот авторитет по бунтот на Вагнер во јуни.

Пригожин го започна востанието, испраќајќи војници во Ростов-на-Дон, град во јужна Русија, а потоа во Москва, пред да се повлече по 24 часа.

Тоа беше најголемиот предизвик за авторитетот на Путин во последните две децении.

По бунтот, Путин ги повика членовите на Вагнер групата или да потпишат договори со Министерството за одбрана, да се преселат во Белорусија или да се вратат на своите позиции.

Трошев е познат по прекарот Седои, што значи „оној со седа коса“, пренесува рускиот сервис на Би-Би-Си.

Во воените кругови во Русија, тој е ценет за неговата служба за време на војните во Авганистан и Чеченија.

Тој беше награден со Орден херој на Русија за неговата улога во поддршката на владините сили во Сирија во 2015 и 2016 година како командант на Вагнер.

Кон крајот на август, американскиот Институт за проучување на војната објави дека командантите на Вагнер обвиниле двајца членови на групата, вклучувајќи го и Трошев, за предавство и поврзаност со приватната воена компанија Редут, за која се вели дека е поврзана со руското Министерство за одбрана.

Пригожин и уште девет лица загинаа во несреќа во близина на Москва на 23 август.

По неуспешниот бунт, началникот Вагнер беше опишан од многумина како „мртов човек што оди“.

Кремљ негираше каква било вмешаноство смртта на Пригожин .

Погледнете видео за краткотрајниот бунт на Пригожин: