Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи денес го повика високиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, да застане во одбрана на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, и дописникот на новинската агенција „Спутник“, Марат Касем, како одговор на осудата на Борел за приведувањето на американскиот новинар Еван Гершкович во Русија.
Борел на Твитер рече дека ЕУ го осудува притворањето на дописникот на „Волстрит журнал“ во Русија, велејќи: „На новинарите мора да им се дозволи слободно да ја вршат својата професија и да заслужат заштита“, обвинувајќи ја Москва за непочитување на слободата на медиумите.
Марија Захарова како одговор му понуди на Борел да покаже почит кон слободата на медиумите и да го осуди приведувањето на Асанж во Велика Британија и на Касем во Латвија.
„Докажи ги твоите зборови, Жозеп, барем со зборови – застани зад Џулијан Асанж и Марат Касем. За рамнотежа“, напиша Захарова на Телеграм, а пренесе ТРТ Балкан.
Асанж, австралиски државјанин, е притворен во Велика Британија, каде што властите минатата година одобриле негова екстрадиција во САД. Тој се бара поради неговата наводна улога во шпионажа и ширење на доверливи американски воени информации.
Министерството за правда на САД ги означи постапките на Асанж како дел од „најголемите компромиси на доверливи информации во историјата на САД“.
Минатиот ноември, големите светски медиуми ги здружија силите за да ги повикаат САД да се откажат од обвиненијата против основачот на „Викиликс“ и да го запрат неговото гонење со цел да го заштитат новинарството.
Касем, латвиски државјанин со арапско потекло, работел за руската новинска агенција „Спутник“ и бил уапсен под обвинение за кршење на санкциите на ЕУ кога бил на пат да ја посети својата тешко болна баба. Тој бил приведен на граница и не ја видел својата баба, која починала неколку дена подоцна.
Американскиот државјанин Гершкович, пак, вчера беше приведен од Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) под сомнение за шпионажа.
Гершкович е осомничен дека дејствувал на барање на американската страна, собирајќи информации за активностите на едно од претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс, што претставуваат државна тајна.
Во посебна изјава, Захарова, исто така, ги критикуваше обидите за мешање во внатрешните работи на Грузија, нарекувајќи ги „неприфатливи“.
Коментирајќи ги неодамнешните протести, предизвикани од нацрт-законот на грузискиот Парламент, Транспарентност на странското влијание, Захарова рече: „Ние веруваме дека таквите сурови обиди се апсолутно неприфатливи, не само мешање, туку моделирање на ситуацијата од внатре преку таканаречените невладини организации и т.н. јавни личности.“
„Целта на оваа интервенција е обид да се влијае на стабилноста и безбедноста во регионот“, рече Захарова.
„На Западот малку се размислува за благосостојбата и безбедноста на луѓето и народите кои живеат на територијата на Грузија и самата Грузија како заедница“, истакна Захарова.
Со предлог-законот се бараше поединците, граѓанските организации и медиумите да се регистрираат во Министерството за правда како „агенти на странско влијание“ доколку во нивниот вкупен износ на финансиските средства, најмалку 20 отсто се средства од странство.
Во тој случај, законот наметнува дополнителни барања за известување, инспекции и административна и кривична одговорност, вклучително и до пет години затвор за какви било негови прекршувања.
Демонстрантите жестоко реагираа на усвојувањето на нацрт-законот, што беше поднесен од движењето „Народна моќ“. Опозициските партии тврдеа дека предметниот закон е антидемократски.
Грузиските пратеници го повлекоа предлог-законот откако тој предизвика масовни протести.