Русија повторно го нападна Киев, вторпат за два дена: Тројца мртви и 29 ранети (фото)

Во моќен руски напад со беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта, најмалку три лица загинаа, додека 29 беа повредени, меѓу кои седум деца, соопшти Државната служба за вонредни ситуации на Украина.Ова е втор руски напад врз украинската престолнина во последните два дена.

Според локалните власти, повеќе експлозии одекнале низ градот околу 2:35 часот наутро по локално време, а воздушната одбрана била активирана во текот на целиот напад. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека биле погодени две станбени згради во населбата Десњански, едната со девет ката, а другата со шеснаесет. Зградите се запалиле, а прозорците биле скршени на неколку ката.

„Меѓу повредените има четири деца. Сите добиваат медицинска помош, а некои се хоспитализирани“, објави градската воена администрација на Киев преку Телеграм.

Државната служба за вонредни состојби потоа ги негираше претходните извештаи за погоден облакодер во областа Оболонски, истакнувајќи дека спасувачите сè уште се на терен и ги пребаруваат урнатините. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледаат силни експлозии и голем пожар во една од погодените згради.

Овој напад се случи само еден ден откако руските сили испукаа балистички ракети врз Киев, при што загинаа две лица, а 12 беа повредени.

Од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, Русија редовно ги напаѓа украинските градови, а во последните месеци особено ги интензивираше нападите врз енергетската инфраструктура, поради што низ целата земја се воведени ограничувања на електричната енергија.

Градоначалникот Кличко претходно предупреди дека претстојната зима може да биде „најпредизвикувачката од почетокот на војната“, повикувајќи ги жителите на Киев да бидат внимателни и да покажат солидарност.