Русија повторно ја нападна Украина: Тројца загинати во ракетен напад, уште една жртва во утринското гранатирање
Три лица загинаа синоќа во руски ракетен напад врз Украина, додека едно е убиено утрово во гранатирање, соопштија украинските власти.
Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека тројцата убиени во текот на ноќта се работници во погодениот индустриски капацитет во регионот Полтава.
Тој додаде дека пет лица се ранети, а едно се води како исчезнато, пренесува Ројтерс.
Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак изјави дека е погодена фабрика за растително масло во областа Мирхород во регионот Полтава и објави фотографии на кои се гледа пожар во фабриката.
– Луѓето работеа во ноќна смена – изјави Јермак на Телеграм.
Пожарот подоцна бил изгаснат, рече Клименко.
Гувернерот на областа Керсон, Олександр Прокудин, додаде дека 63-годишна жена загинала во денешното гранатирање на селото Садове.
Украинската армија соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала четири проектили од Црното Море, од кои две биле соборени.
Војската соопшти дека регионот Кривји Рих во централна Украина бил погоден од ракетен напад.
Локалните власти соопштија дека се оштетени неколку приватни куќи, но не соопштија за жртви.