Криза каква што не се памети во Германија: Нема станови, а кириите се зголемуваат – ова е единственото решение за спас

Во Германија, кризата со недостиг на станови може да се ублажи со пренамена на деловен простор во станови, пренесува јавниот сервис АРД.

– Во Германија, 20.000 нови станови може да се создадат со пренамена до 2025 година, бидејќи многу канцелариски комплекси стојат празни без шанси за повторно изнајмување – вели Хелге Шонеман од компанијата за недвижности JLL за АРД.

Тој го посочи примерот на финансиската метропола, каде неколку деловни згради веќе се претворени во станбени згради.

– Во Франкфурт рано почнаа со пренамена бидејќи зградите со станови носат поголем приход од зградите со канцеларии, за кои за разлика од становите со години има намалена побарувачка – вели експертот за недвижности.

Сепак, тој рече дека пренамената на класичните канцеларии, за кои има сè помалку потреба од пандемијата на коронавирус и зголемената работа од дома, нема да може да го реши проблемот со драстичниот недостиг на станови, туку е само „ чекор во вистинската насока“.

Недостасуваат 700.000 станови

Според студијата на институтот Пестел во Хановер, на Германија моментално и’ недостигаат 700.000 станови, што е најголем недостиг на станови во последните 20 години. Најголемиот недостиг има во големите градови, каде недостатокот на станови стана главен проблем за економијата која се бори да најде станови за квалификуваната работна сила.

Недостигот од станови се поврзува со доаѓањето на голем број бегалци, но и доселеници за потребите на пазарот на трудот, како и драстичен пад во изградбата на нови станови.

Стагнацијата во станбениот сектор беше предизвикана од растот на каматните стапки, недостигот на работна сила и растот на цените на градежните материјали.

Драстично зголемување на кириите

Друг проблем на германскиот пазар на недвижности е драстичното зголемување на кириите, поради што владејачката Социјалдемократска партија на Германија најави мерки со кои ќе се ограничи зголемувањето на кириите за три години.

Истовремено, закупнината не треба да биде повисока од просечната за одредена станбена површина.

Коалициониот партнер на СПД на федерално ниво, Либерално-демократската партија, остро се спротивстави на плановите.

– СПД попрво треба да се концентрира на тоа како да ги рекреира импулсите за изградба за да инвестира во станови – рече портпаролот на ФДП за станбена политика Даниел Фрост и додаде дека „доволното домување на пазарот е најдобрата заштита за станарите“.