Руските сили денеска продолжија да користат ракети, ракетни фрлачи и дронови за да ги бомбардираат областите на Украина незаконски анектирани од Москва, но не целосно контролирани, што резултираше со смртни случаи, оштетувања на зградите и прекини на електрична енергија, соопштија украинските власти.
Украинската армија соопшти дека од вчераутро до утринава руските сили извршиле 18 воздушни напади, пет ракетни напади и 53 напади од повеќецевни ракетни фрлачи.
Генералштабот на украинската армија наведува дека Русија најголем дел од своите операции ги насочила кон индустрискиот исток на Украина, фокусирајќи се на местата Лиман, Бахмут, Авдејевка и Маринка во регионот на Доњецк.
Повеќето од денешните извештаи од фронтот се однесуваа на четирите украински региони припоени од Русија во септември (Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон).
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна и нареди на својата армија да преземе целосна контрола врз областите, додека Украина навести дека наскоро ќе почне контраофанзива за да врати голем дел од територијата.
Британските воени претставници денеска објавија дека руските сили најверојатно влегле во центарот на Бахмут и го зазеле западниот брег на реката Бахмутка.
Осуммесечната офанзива на Русија врз Бахмут и решеноста на Украина да го брани градот резултираа со најдолгата и потенцијално најкрвавата битка во војната што Путин ја почна на 24 февруари минатата година.