Русија соопшти дека спречила украински напад врз поморска база

– Русија соопшти дека нејзините воени бродови одбиле напад врз поморската база во Новоросијск, лоцирана на југот на земјата, од два украински чамца без екипаж.

„Синоќа, Вооружените сили на Украина се обидоа да ја нападнат поморската база во Новоросијск со два чамца без екипаж“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана, во кое се додава дека чамците биле детектирани и уништени од руски воени бродови што ја обезбедувале поморската база.

Министерството соопшти и дека синоќа биле соборени 10 украински беспилотни летала, а три се блокирани над полуостровот Крим.

Бројот на напади со беспилотни летала на руска територија драстично се зголеми во последните месеци. На почетокот се користеа само беспилотни летала, но во последните недели сè почесто се користат и чамци без екипаж.

Иако Киев не презема одговорност за овие напади, украинскиот претседател Владимир Зеленски во неделата изјави дека нападите на руска територија се „неизбежен, природен и апсолутно праведен процес“.