Русија тврди дека започнала подготовки за воена вежба како одговор на западните провокации и закани

– Русија денес соопшти дека започнала подготовки за воена вежба која го вклучува нестратегиското нуклеарно оружје на земјата, како одговор на, како што истакна, западните „провокации и закани“.

Во соопштението на руското Министерство за одбрана се наведува дека започнале подготовки за одржување вежба во блиска иднина со ракетни формации на Јужниот воен округ на земјата, со учество на авијацијата и морнарицата на земјата.

Потврдувајќи дека одржувањето на вежбата било наредено од рускиот претседател Владимир Путин, во соопштението се наведува дека нејзината целта е „да се зголеми подготвеноста на нестратегиските нуклеарни сили за извршување борбени мисии“.

„За време на вежбата ќе се спроведат низа активности за увежбување подготовка и употреба на нестратегиско нуклеарно оружје“, се наведува во соопштението.

Исто така, се истакнува дека вежбата има за цел да го обезбеди суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија „како одговор на провокативните изјави и закани на одредени западни претставници против Руската Федерација“.