Русија тврди дека уништила складишта со гранати со осиромашен ураниум во Украина

– Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските сили извршиле напади врз магацини каде што украинските војници складираат гранати со осиромашен ураниум и проектили со долг дострел „Стормшадоу“ од британско производство.

„Синоќа вооружените сили на Руската Федерација извршија напад со високопрецизно оружје со долг дострел и беспилотни летала врз магацините на крстосувачките ракети „Стормшадоу“ и муницијата со осиромашен ураниум“, се вели во соопштението на Министерството.

Исто така, како што се додава, беа погодени и центри за воено разузнавање и обука на диверзантски групи.

„Сите цели се погодени“, нагласи руското Министерство за одбрана.

Велика Британија беше првата што почна да испорачува гранати со осиромашен ураниум и ракети со долг дострел „Стормшадоу“ во Украина во март 2023 година.

Пентагон на 6 септември објави дека ќе испрати муниција со осиромашен ураниум и касетни бомби во Украина.