Русија ќе иницира нов состанок на СБ на ОН за израелско-палестинскиот конфликт

Русија има намера да иницира нов состанок на Советот за безбедност на ОН на кој ќе се разговара за решавање на палестинско-израелскиот конфликт, изјави синоќа првиот заменик постојан претставник на Русија во Светската организација Дмитриј Пољански.

– Дефинитивно ќе свикаме нов состанок на Советот за безбедност. Како што покажа практиката, никој освен нас не се осмелува да го направи тоа, изјави Пољански за ТВ каналот „Соловјев“.

Според него, 10-тата вонредна специјална седница на Генералното собрание на ОН за палестинско-израелскиот конфликт треба да продолжи следната недела бидејќи има колективен апел од арапските и исламските земји да продолжи седницата.

– Многу е важно секоја држава да може да го искаже својот став, рече Пољански.

Во средата, САД ставија вето на усвојувањето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за палестинско-израелскиот конфликт предложена од Бразил.

Русија беше воздржана затоа што СБ ги отфрли руските амандмани на бразилскиот документ.

За време на гласањето воздржана беше и Велика Британија, а за усвојување на резолуцијата гласаа останатите 12 членки на Советот за безбедност на ОН.