Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека зазело мало место во областа Доњецк во источна Украина каде руската армија е во офанзива.
Како што соопшти Министерството, единиците на групата Центар „успеале да го ослободат селото Уманское во Доњецката Народна Република“, како што Русија ја нарекува областа.
Градот, кој имал помалку од 180 жители пред почетокот на руската офанзива во Украина во февруари 2022 година, се наоѓа на околу 25 километри северозападно од Доњецк, голем регионален центар кој е под руска контрола.
Новиот руски министер за одбрана Андреј Белоусов вчера го поздрави „напредокот на руската армија во Украина во сите тактички правци“.
Според него, руските војници „повратиле 880 квадратни километри од 1 јануари 2024 година“.
Украинската армија, на која и недостасува муниција и војници, се соочува со потешкотии на фронтот откако Русија почна нова офанзива на почетокот на мај околу Харков, вториот по големина град во Украина, пренесе Бета.
Руските сили продолжуваат да навлегуваат и на исток, особено во правец на Покровск, на околу триесет километри северозападно од Уман.
Киев се надева дека претстојната испорака на западно оружје, што се очекуваше долго време, ќе му овозможи да ја врати иницијативата на фронтот, каде што беше во дефанзива неколку месеци.
САД, кои досега ја отфрлаа идејата, изминатава недела и дозволија на Украина да користи американско оружје на територијата на Русија, под одредени околности, за одбрана на регионот Харков.