– Руската безбедносна служба ФСБ денеска соопшти дека убила маж обвинет дека бил регрутиран од Киев за да изврши напади во Русија, јавија локалните медиуми.
ФСБ соопшти дека „неутрализирала“ осомничен кој планирал серија напади во Русија, особено против структури на Министерството за одбрана во регионот на Москва и против „баталјон доброволци“ во Санкт Петербург.
Како што пренесува Бета, некои руски агенции објавија снимки на ФСБ на кои се гледа како тие отвораат оган врз засолниште каде што осомничениот наводно се криел на поле во Ленинградската област и слика од неговото тело.
Според ФСБ, се работи за руски државјанин роден во 1976 година, кој бил регрутиран од Украинската воена разузнавачка служба (ГУР).
Од почетокот на офанзивата врз Украина на крајот на февруари 2022 година, руските власти редовно известуваат дека спречиле терористички напади и акти на саботажа во Русија наводно организирани од агенти регрутирани од Киев.
Москва ја обвинува Украина за извршување на повеќе убиства или обиди за убиства во Русија насочени кон луѓе кои се проруски настроени. Противниците на војната или агентите регрутирани од Киев, исто така, често се обвинети за фрлање молотови коктели врз воените регрутни центри.