Руската полиција уапси најмалку 100 граѓани кои протестираа поради смртта на Навални

Полицијата во Русија растера група граѓани на улиците во градовите ширум земјата и уапси најмалку 100 граѓани, кои му оддадоа почит на опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој почина вчера во затвор во Сибир.

Според руската група за човекови права, ОВД-Инфо, најмалку 100 лица се уапсени во осум градови, меѓу кои Москва, Санкт Петербург и Краснодар, и покрај тоа што Московското обвинителство вчера ги предупреди граѓаните да не учествуваат на протестите, на кои тие беа повикани преку Интернет и социјалните мрежи.

На снимките и сликите од Москва и Санкт Петербург, се гледаат полицајци како им одземаат плакати на демонстрантите, додека други ги одведуваат.

Дополнително, како што пренесува „Скај њуз“, на снимките се гледа и како полицијата апси новинари кои биле во близина на споменикот на жртвите на Советската репресија во Москва. Руската полиција не даде информации за апсењето граѓани на протестите.

Затворската служба на регионот Јамало-Ненецки, каде Навални отслужуваше 30-годишна затворска казна, вчера соопшти дека тој починал. Рускиот опозиционер беше зад решетки откако се врати во Германија во јануари 2021 година.