Руска блогерка доби девет години затвор затоа што напишала дека руските војници уриваат градови во Украина
– Суд во Москва денеска во отсуство осуди на девет години затвор популарна руска авторка на книги и телевизиски емисии за за готвење, новинарка и блогерка поради „ширење лажни информации за руската армија“.
Обвинението против Вероника Белоцерковскаја (52), која живее во Франција, е покренато поради нејзините објави на Инстаграм, кои, според властите, содржат „намерно неточни информации за употребата на Вооружените сили на Руската Федерација за уништување градови и цивилното население на Украина, вклучувајќи и деца“.
На веста за пресудата, Белоцерковскаја, која е родена во Одеса, крајбрежен град на југот на Украина, објави дека е „збунета од една страна, а од друга, се разбира горда“.
Судењето на Белоцерковскаја е дел од повеќемесечната пресметка на Кремљ со противниците на руската инвазија врз Украина.
Рускиот истражен комитет најави покренување кривична постапка против Белоцерковскаја уште во март 2022 година, само неколку недели откако руските трупи ја нападнаа Украина и окупираа делови од нејзината територија. Тоа беше првиот познат случај на примена на новиот закон, исто така донесен во март 2022 година, со кој се казнува ширењето на информации за кои Кремљ смета дека се штетни за руската војска.
Властите во Кремљ издадоа потерница по блогерката и го запленија нејзиниот имот во Русија вреден 153 милиони рубљи (околу 2,2 милиони долари), што таа го стекна како издавач и медиумски претприемач. Таа беше прогласена за „странски агент“, што подразбира зголемен државен надзор и јавна дискредитација.