Руска компанија објави награда за соборување на првиот борбен авион Ф-16 во Украина

– Руска компанија објави награда од 15 милиони рубљи (169.000 долари) за соборување на првиот борбен авион Ф-16 што западните земји планираат да и го достават на Украина.

Шефот на компанијата Форес, специјализирана за производство на опрема за нафтената индустрија, Сергеј Шмотјев, за руската државна новинска агенција ТАСС изјави дека неговата компанија издвоила пари и за исплата на бонуси за уништување тенкови од западно производство.

„Најавивме бонус за уништување на борбените авиони Ф-16, доколку таквите летала се испорачаат во Киев. Исто така, оние момци кои уништуваат тенкови доставени од западните земји во Украина исто добиваат исплата. Плативме 5 милиони рубљи за првиот тенк и 500.000 рубли за сите наредни“, истакна тој.

Холандските власти минатата година објавија дека планираат да извршат трансфер на 24 борбени авиони Ф-16 во Украина, кои ќе можат да се користат за напади против Русија.

Дополнително, до крајот на 2028 година, Украина се очекува да добие 19 авиони Ф-16 од Данска и 30 од Белгија.