Руски научници направија уникатна обдукција: Испитуваат волк замрзнат во сибирскиот мраз пред 44 илјади години (фото)
Во регионот Јакутија на крајниот север на Русија, локални научници вршат обдукција и ги проучуваат остатоците од волк замрзнат во вечниот мраз пред околу 44.000 години, соопшти денеска Јакутиската академија на науките.
Телото на волкот случајно го пронашле локални ловци во областа Абис во Јакутија во 2021 година и сега се анализира и детално се проучува, пренесува Ројтерс.
– Ова е првпат во светот да се најдат остатоци од предатор од доцниот плеистоцен. Староста на остатоците од волкот се проценува на околу 44.000 години. Досега немаше такви откритија – изјави Алберт Протопопов, раководител на Одделот за проучување на фауната од леденото доба на Академијата на науките во Јакутија.
Сместена помеѓу Арктичкиот Океан и далечниот исток на Русија, Јакутија е огромна област со големина на Тексас покриена со мочуришта и шуми, со големи делови од територијата под вечен мраз каде зимските температури паѓаат до минус 64 Целзиусови степени.
– Најчесто наоѓаме тревопасни животни кои се заглавиле во мочуриштата, замрзнувале и чекале да ги најдеме релативно добро сочувани. Но, ова е првпат да се најде голем месојад – рече Протопопов.