Руски пратеник: Сите договори ќе бидат по наши услови, а не по американски

Претставник на рускиот парламент, коментирајќи го предложениот прекин на огнот договорен меѓу американските и украинските претставници, денеска изјави дека секој договор ќе биде според условите на Москва, а не на Вашингтон, пренесува Ројтерс.

„Русија напредува (во Украина) и затоа ќе биде поинаку со Русија“, рече Константин Косачев, претседател на комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата, Горниот дом на рускиот парламент, во објава на Телеграм.

„Сите договори – со целосно разбирање за потребата од компромис – ќе бидат според наши услови, а не според американски. И ова не е фалење, туку разбирање дека вистинските договори се уште се пишуваат таму, на бојното поле. Тоа треба да го разберат и во Вашингтон.

Вчера американските и украинските делегации почнаа мировни преговори во Џеда, Саудиска Арабија.

Киев на преговорите го претставуваа министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров, додека американската делегација ја предводеше државниот секретар Марко Рубио. Средбата траеше осум часа, а целта беше да се врати довербата и да се зајакне стратешкото партнерство меѓу Киев и Вашингтон по неодамнешните тензии.

Украина конечно ја потврди подготвеноста да го прифати американскиот предлог за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со согласност на сите страни, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.