Руско Министерство за одбрана: Спречен е украински напад на Крим

– Русија денес соопшти декa попречила и соборила десетици украински беспилотни летала спречувајќи масовен напад на Крим, територија под руска окупација од 2014 година, јавува Анадолу.

„Синоќа беше запрен обидот на режимот во Киев да изврши терористички напад со употреба на 28 беспилотни летала врз објекти на територијата на полуостровот Крим“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

„Седумнаесет беспилотни летала беа соборени, а 11 попречени од руската одбрана“, се додава во соопштението.

Најмалку две лица загинаа, а едно дете е тешко повредено во експлозија во раните утрински часови вчера на мостот Керч, кој ја поврзува Русија со полуостровот Крим.

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека стои зад нападот.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, исто така, ги обвини разузнавачките агенции на САД и на Велика Британија, тврдејќи дека тие му дале „директна помош“ на Киев.

Рускиот вицепремиер Марат Хуснулин денес изјави дека властите успеале делумно да ги санираат последиците од нападот и повторно e овозможено движење по една од сообраќајните ленти на автопатот.