Рут осуден на доживотен затвор за обид за атентат врз Трамп

По двонеделно судење, федерална порота од седум жени и пет мажи го прогласи Рајан Рут за виновен за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп за време на голф натпревар во Флорида во септември минатата година.

На поротата ѝ беа потребни само два часа за да донесе пресуда, со која Рут беше осуден на доживотен затвор.

Инцидентот се случил на 15 септември 2024 година, во голф-клубот на Трамп во Вест Палм Бич, каде што тој водеше кампања како републикански претседателски кандидат. Рут поминал недели планирајќи го атентатот, но заговорот бил откриен од агент на Тајната служба, Роберт Феркано, кој интервенирал со пиштол пред Рут да може да дејствува. Рут ја насочил пушката кон агентот, но не успеал да пука. Агентот отворил оган, принудувајќи го да го фрли пиштолот и да избега.

По потера со помош на сведок и полициски хеликоптер, Рут бил уапсен во близина на блискиот меѓудржавен автопат.

Кратко по објавувањето на пресудата, Рут се обидел да се самоубие во судницата прободувајќи се во вратот со пенкало. Полицајците веднаш интервенирале и го отстраниле од судницата. Пенкалото било од тип специјално дизајнирано да спречи да се користи како оружје и не му предизвикало никаква штета.

Додека ја напуштал судницата, неговата ќерка, Сара Рут, извикала со солзи во очите: „Тато, те сакам, не прави ништо. Ќе те извадам. Тој никого не повредил.“ Таа и нејзиниот брат, Адам, биле изведени надвор од судницата, а потоа чекале надвор, пренесува abcnews .

За време на судењето, Рут одлучи сам да се застапува, по одобрение од судијката Ајлин Канон, а претходните адвокати служеа како резервни адвокати. Тој не сведочеше во своја одбрана и го затвори случајот откако испраша само тројца сведоци – експерт за оружје и двајца сведоци за карактерот – околу три часа. Во меѓувреме, обвинителите испрашаа 38 сведоци во текот на седум дена.

Во својот завршен збор, Рут инсистираше дека немал намера да убие никого, нагласувајќи дека никогаш не го повлекол чкрапалото и дека имал можност да пука, но не го сторил тоа.

По пресудата, Доналд Трамп, од Њујорк, им рече на новинарите дека „случајот беше многу добро решен. Не станува збор само за мене, туку за фактот дека како претседател – или како граѓанин – не можеме да дозволиме овие работи да се случуваат. Правдата беше задоволена. Многу сум благодарен на судијата, поротата и на сите што работеа на овој случај“.

Инцидентот се случи само девет недели по уште еден обид за атентат врз Трамп во Батлер, Пенсилванија, каде што вооружен човек го застрела осум пати, а еден куршум го изгреба во увото. Сторителот на тој напад беше убиен од снајперист на Тајната служба.