САД велат дека го информирале Ирак пред нападот, а Ирак вели дека е нарушен суверенитетот на земјата: “Ќе има сериозни импликации за безбедноста и стабилноста во регионот“

Соединетите Американски Држави (САД) го известија Ирак пред нападот во петокот врз три позиции на милитантите во земјата, соопшти Белата куќа, само неколку минути откако ирачката Армија ги осуди нападите како повреда на суверенитетот на земјата.

Ја известивме Владата на Ирак пред нападот“, им кажа на новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Нападите би можеле дополнително да го комплицираат американското воено присуство во Ирак.

Армијата на Ирак соопшти дека биле нападнати цели во ирачката погранична област и предупреди дека нападите би можеле да ја зголемат нестабилноста во регионот.

„Овие воздушни напади се кршење на ирачкиот суверенитет, ги поткопуваат напорите на ирачката Влада и претставуваат закана што може да доведе до страшни последици за Ирак и регионот. Резултатите ќе имаат сериозни импликации за безбедноста и стабилноста во Ирак и околниот регион“, стои во соопштението на Армијата на Ирак.

САД извршија воздушни напади во Ирак и Сирија во петокот против повеќе од 85 цели поврзани со иранскиот корпус на револуционерната гарда (ИРГЦ) и проиранските милиции, соопшти Армијата на САД, по нападот во Јордан во кој загинаа тројца, а беа ранети 40 американски војници.

Целите биле лоцирани на седум различни локации, четири во Сирија и три во Ирак, а во нападот биле вклучени бомбардери B-1 со долг дострел, пренесени од САД, соопшти Пентагон.

Американскиот генерал-полковник Даглас Симс, директор на Здружениот Генералштаб, вели дека нападите се чини дека биле успешни, предизвикувајќи големи секундарни експлозии додека оружјето на милитантите било погодено, иако не е јасно дали милитантите биле убиени.

Катаиб Хезболах – терористичка организација која САД ја обвинуваат за нападот на американските сили во Јордан, во вторникот објави дека ќе ги прекине нападите врз американските сили.

Но, друга ирачка група поддржана од Иран, Нуџаба, вели дека ќе продолжи да ги напаѓа американските сили во регионот додека не заврши војната во Појасот Газа и американските сили не се повлечат од Ирак.