– Американскиот помошник-државен секретар Џејмс О’Брајен изјави дека босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС) нема право на отцепување, и дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе дејствуваат доколку некој се обиде да го промени овој основен елемент на Дејтон.
„Во Дејтон разговаравме, и сите таму сфатија дека нема право на отцепување. Точка. САД ќе дејствуваат ако некој се обиде да го промени овој основен елемент на Дејтон“, наведе О’Брајен на официјалниот профил на социјалната мрежа X.
Заедно со својата порака, О’Брајен ја сподели и синоќешната објава на Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Босна и Херцеговина, во која, меѓу другото, беше истакнато дека ниту Република Српска ниту Федерацијата БиХ не постојат надвор од рамките на Босна и Херцеговина.
„Уставот на БиХ не му дава право на ентитетот или на која било друга поддржавна единица да се отцепи. Соединетите Американски Држави во неколку наврати јасно ставија до знаење дека ќе дејствуваат против антидејтонските акции, а сецесијата е антидејтонска акција“, беше наведено од Амбасадата на САД во БиХ.