САД го осудија рускиот ракетен напад на Киев во кој беа оштетени повеќе амбасади, меѓу кои и на Македонија
САД го осудија вчерашниот руски ракетен напад на Киев при што загина едно лице и беше оштетена зградата во која се наоѓаат неколку дипломатски мисии, вклучувајќи ги оние на Албанија, Аргентина, Чешка, Црна Гора, Северна Македонија и Португалија, соопшти синоќа Стејт департментот на социјалната мрежа „Х“.
-Неприфатливи се какви и да било напади врз дипломати или дипломатски објекти насекаде низ светот. Ја потсетуваме Русија дека има обврски согласно меѓународното право, вклучувајќи ја и Конвенцијата за спречување и казнување на злосторства против меѓународно заштитени лица, напиша портпаролот Метју Милер.
Информацијата синоќа ја потврди и нашето МНР.
-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев. Воедно, информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев. При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата. Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање, пишува во соопштението на МНР.