– Соединетите Американски Држави (САД) ѝ дадоа зелено светло на Холандија за трансфер на нејзините авиони Ф-16 во Украина, соопштија денес холандските власти.
Холандската министерка за одбрана Кајса Ологрен преку платформата Х истакна: „Тоа ни овозможува да ја следиме обуката на украинските пилоти.“
„Остануваме во близок контакт со европските партнери за следните чекори“, додаде таа.
Слично и министерот за надворешни работи Вопке Хоекстра му се заблагодари на својот американски колега Ентони Блинкен „за добрата и брза соработка“ по ова прашање.
Додавајќи дека дополнително ќе се дискутира за ова прашање со европските партнери, тој рече: „Ова претставува голема пресвртница за Украина за одбрана на својот народ и својата држава.“
Западните земји продолжија со поддршката на Украина со воена и финансиска помош од почетокот на војната што ја започна Русија минатата година на 24 февруари. Досега тие се колебаа за прашањето за испраќање борбени авиони во Киев.
Данска и Холандија играат водечка улога меѓу западните земји во обуката на украинските пилоти за борбените авиони Ф-16.
Велика Британија посебно им обезбедува на украинските пилоти обука на англиски јазик бидејќи инструментите и прирачниците на авионот се напишани на англиски јазик.