– Соединетите Американски Држави (САД) се „длабоко вознемирени“ од најавата на израелската Влада за плановите да одобри над 4.000 нови станбени единици на Западниот Брег, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
„САД се длабоко вознемирени од најавата на израелската Влада за плановите за одобрување на над 4.000 нови станбени единици на Западниот Брег и промените во нивниот плански систем што може да го забрзаат одобрувањето. Проширувањето на населбите е пречка за мирот“, напиша Милер на Твитер.
Тој додаде дека САД се спротивставуваат на таквите еднострани акции кои го отежнуваат постигнувањето на дводржавно решение.
Тој ја повика израелската Влада да ги исполни обврските што ги презеде во Акаба, Јордан и Шарм ел Шеик, Египет, и да се врати на дијалогот насочен кон деескалација.
Според израелскиот јавен сервис КАН, Израел, исто така, ќе започне да ги унапредува судските реформи почнувајќи од оваа недела.
Израел беше во политички превирања во последните месеци поради планираните реформи во судството од страна на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, што опозицијата го смета за грабање на моќ во корист на извршната власт.
Нетанјаху инсистира дека неговиот план ќе ја подобри демократијата и ќе ја врати рамнотежата меѓу законодавната, извршната и судската власт.
Во март, Нетанјаху, кому му се суди за корупција, потклекна на притисокот и најави привремено запирање на плановите поради протестите низ целата земја.