Соединетите Американски Држави (САД) на Украина ќе ѝ испратат уште две милијарди долари безбедносна помош, изјави советникот на Белата куќа за национална безбедност, Џејк Саливан.
„Денес, САД најавија дополнителни две милијарди долари безбедносна помош за Украина, и сето тоа е за одредена цел, а тоа е нашата војска внимателно да ги разгледа овие низа проблеми, што можеме да направиме за да ѝ ги дадеме на Украина алатките кои ѝ се потребни за да победи“, рече Саливан, говорејќи за „Си-ен-ен“ (CNN) за руската војна во Украина.
Тој додаде дека САД ќе продолжат да работат со Украинците за да утврдат дали има дополнителни средства што им се потребни.
Неговите изјави дојдоа во пресрет на првата годишнина од војната во Украина. Исто така, се очекува САД да објават нови санкции против Русите поради судирите.
Запрашан за потенцијалното испраќање авиони Ф-16 во Украина, Саливан рече дека борбените авиони не се клучни за потребите на Украина.
„Ф-16 не се краткорочно борбено прашање. Ф-16 се прашање за долгорочна одбрана на Украина“, рече Саливан.