САД и Велика Британија постигнаа договор

Британскиот премиер Кир Стармер и американскиот претседател Доналд Трамп денес потпишаа трговски договор меѓу двете земји, кој првенствено се однесува на царини поврзани со авиоиндустријата и автомобилскиот сектор.

Двајцата лидери го презентираа договорот меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави на самитот на Г7 во Кананаскис, Алберта, Канада, но во него не се споменуваат царини за увоз на челик, објави „Гардијан“.

„Наскоро ќе ве известиме за тоа“, рече Трамп.

Според деталите објавени од Министерството за бизнис и трговија во Лондон, британскиот воздухопловен сектор нема да биде оптоварен со никакви американски царини, додека автомобилската индустрија ќе има царини од 10 проценти, во споредба со 25-те проценти што Белата куќа ги воведе кога станува збор за други земји.

Кога станува збор за челичната индустрија, Велика Британија засега ќе остане со тарифи од исто така 25 проценти, што е сепак помалку од американската стапка од 50 проценти за челик и алуминиум во однос на другите земји.

Британското министерство за економија објави дека двајцата лидери ветиле дека ќе „направат напредок кон нулти царини за основните челични производи, како што е договорено“.

Сепак, американската страна од договорот истакна можен проблем со царините за челик, бидејќи Белата куќа сè уште сака гаранции кога станува збор за кинеските сопственици на „Бритиш Стил“.