САД му порачаа на Орбан: Воведени се санкции против неговиот најблизок соработник и шеф на кабинет

САД воведоа санкции против Антал Роган, еден од најблиските соработници на унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради наводна корупција, соопшти американското Министерство за финансии.

Владата во Будимпешта најави дека ќе ја оспори оваа одлука по преземањето на власта од страна на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Премиерот Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година, често беше мета на обвинувања за корупција и непотизам. Односите меѓу Будимпешта и Вашингтон дополнително се влошија за време на мандатот на Џо Бајден, делумно поради блиските врски на Орбан со Москва, и покрај војната во Украина.

Санкциите се однесуваат на Роган, кој е на чело на кабинетот на Орбан од 2015 година и раководи со тајните служби на Унгарија, членка на НАТО. Министерството за финансии на САД го обвини дека ја користи својата позиција за лична и политичка корист.

„Луѓето блиски до владејачката партија собраа огромни богатства“, рече Дејвид Пресман, американскиот амбасадор во Унгарија. „Антал Роган е клучниот архитект, спроведувач и корисник на овој систем на корупција.

Кабинетот на премиерот Орбан ги осуди санкциите, нарекувајќи ги „последна, ситна одмазда на американскиот амбасадор во заминување“.

„По 20 јануари Соединетите Американски Држави ќе имаат нова влада и нов претседател. По нивната инаугурација ќе ги преземеме потребните правни чекори“, се вели во соопштението на владата.

Орбан и неговата партија Фидес беа меѓу најгласните поддржувачи на Трамп во Европа. Трамп ќе ја преземе претседателската функција на 20 јануари.

Ова не е прв пат САД да воведуваат санкции за корупција во регионот – во 2023 година пет бугарски функционери беа санкционирани за слични обвиненија.