САД: Одделот на Илон Маск за намалување на државните трошоци бара „револуционери“ со висок коефициент на интелигенција
– Иако сè уште не е формиран, одделот задолжен за намалување на трошоците на Владата на Соединетите Американски Држави, на чело со технолошкиот магнат Илон Маск, почна да прифаќа пријави за идниот персонал, обидувајќи се да вработи „револуционери“ со високи IQ резултати.
„Потребни ни се револуционери со многу висок коефициент на интелигенција што се подготвени да работат 80 или повеќе часа неделно на ‘негламурозното’ намалување на трошоците“, велат од Одделот за владина ефикасност, нова владина канцеларија чие формирање на почетокот на неделата беше објавено од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Во соопштението на социјалната мрежа Х, граѓаните на САД се поканети да аплицираат за работа во таа канцеларија.
Во вторникот, Трамп најави отворање нова советодавна група, Одделот за владина ефикасност, предводена од Илон Маск и Вивек Рамасвами.
„Тие двајца ќе го отворат патот мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да ги намали непотребните регулативи, да ги намали расипничките трошоци и да ги преструктуира федералните агенции“, рече Трамп.
„Навистина, ова ќе биде мачна работа, ќе создаде многу непријатели и компензацијата е нула“, објави Трамп на X.