САД одобрија продажба на хеликоптери Апачи на Полска

– САД одобрија продажба на 96 борбени хеликоптери Апачи АХ-64Е на Полска и опрема поврзана со овој хеликоптер во вредност од 12 милијарди долари, објави Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка.

„Оваа предложена продажба ќе ги поддржи надворешнополитичките цели и целите на националната безбедност на Соединетите Држави преку подобрување на безбедноста на сојузникот од Северноатлантскиот договор (НАТО), кој е сила за политичка стабилност и економски напредок во Европа“, соопшти агенцијата.

„Предложената продажба ќе ја подобри способноста на Полска да одговори на сегашните и идните закани преку обезбедување кредибилна сила што е способна да ги одврати противниците и да учествува во операциите на НАТО. Полска ќе нема тешкотии да ја апсорбира оваа опрема во своите вооружени сили“, се вели во соопштението и се додава дека продажбата нема да го смени основниот воен баланс во регионот.

Полска, членка на НАТО во Централна Европа, планира да ги распореди хеликоптерите во својата 18. механизирана дивизија и Првата воздухопловна бригада.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак претходно изјави дека е важно да имаат Апачи бидејќи тие добро работат со тенковите Абрамс, кои Варшава, исто така, ги нарача од САД во последниве години.