– Пар белци од американската сојузна држава Западна Вирџинија е обвинет за посвојување на пет црнчиња и нивно користење како робови.
Обвинителите ги обвинија Џин Вајтфедер (62) и Доналд Ланц (63) за повеќе кривични дела, вклучително и трговија со луѓе, запоставување на децата и принудна работа.
Истражителите рекоа дека парот ги посвоил петте деца на возраст од шест до 16 години од засолниште за бездомници и ранливи млади, ги зеле за принудна работа и ги натерале да живеат во ужасни услови, според обвинението составено од 16 точки.
„Обвинението содржи трговија со луѓе, кршење на човековите права, наметнување принудна работа“, рече судијката на округот Канава, Мериклер Акерс, во документите за обвинението, објави „Метро њуз“ од Западна Вирџинија.
„Повреда на човековите права специфични за фактот дека овие деца биле цел поради нивната раса и биле користени како робови, што се наведува во обвинението.“
Властите соопштија дека ги пронашле децата во октомври за време на проверка за социјална помош и нашле две од нив заклучени во мала соба во шталата во домот на парот.
„Децата немаа начин сами да излезат од шталата, немаа проточна вода, немаа бања и очигледно беа лишени од соодветна хигиенска грижа и храна“, се вели во соопштението на Одделот на шерифот на округот Канава за време на вознемирувачкото откритие. Службата нашла и едно од помалите деца заклучено во главната куќа.
„Соседите, исто така, пријавија дека децата биле принудени да вршат работи на фармата и не им било дозволено да влегуваат во куќата“, се вели во судските документи.
Вајтфедер и Ланц се затворени со кауција од 500.000 долари.
Парот е обвинет за злоупотреба на децата првично на нивниот ранч од 80 хектари во државата Вашингтон, пред да ја продолжат злоупотребата во Западна Вирџинија, каде што се преселиле откако дознале дека се под истрага, јави „Метро њуз“.
И двајцата се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата.