Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД предложиле едноставна, историска резолуција до Обединетите нации и ги повикуваат сите земји-членки на Светската организација да ја поддржат со цел „да се нацрта патоказот кон мирот“.
„Оваа резолуција е во согласност со ставот на Доналд Трамп дека ОН мора да се вратат на својата основна цел, како што е наведено во Повелбата на ОН, а тоа е одржување на меѓународниот мир и безбедност преку мирно решавање на споровите“, рече Рубио.
Според неговото мислење, „ако ОН се навистина посветени на својата основна цел, мора да признаеме дека е можно да се постигне траен мир, и покрај предизвиците“.
„Со поддршка на оваа резолуција, потврдуваме дека овој конфликт е ужасен, дека ОН можат да помогнат да се стави крај и дека мирот е можен“, рече Рубио.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е посветен на ставање крај на војната во Украина и изнаоѓање траен мир.
Како што истакна во изјавата, војната во Украина „се одолговлекува предолго и со преголема цена за Украина и Русија“.
САД вчера предложија нацрт-резолуција на Обединетите нации по повод третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а Генералното собрание на ОН ќе се состане во понеделник за да гласа за резолуцијата предложена од Украина и ЕУ.
Во нацрт-резолуцијата, која ја виде Ројтерс, се наведува „итна потреба да се стави крај на војната оваа година и да се удвојат дипломатските напори за да се намали ризикот од понатамошна ескалација и да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“.