САД се во преговори со Израел и Египет за безбедно излегување на Американците и другите цивили од Газа

Американската влада разговара со своите партнерски земји, вклучително и Египет и Израел, за да овозможи безбедно излегување на Американците и другите цивили од Газа, изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

– Сметаме дека е важно на американските граѓани кои се во Газа да им биде дозволено да си заминат и тоа е прашање на кое работиме, изјави Милер.

– Тоа го правиме тивко, како и многу други дипломатски напори што ги преземаме. Тоа не е нешто за што е продуктивно јавно да се зборува, додаде портпаролот.

Си-Ен-Ен наведува дека според неименуван американски функционер, Египет сака да се користи хуманитарниот коридор за испраќање храна и медицински материјали во Газа, но не сака да ја отвори границата во другата насока за да ги прифати цивилите кои бегаат оттаму.