САД со честитки до Турција за одржаните избори

САД упати честитки до турскиот народ за демократската и мирна атмосфера во која се одржаа претседателските и парламентарните избори во Турција во неделата.

Џон Кирби портпаролот на Советот за национална безбедност на САД рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го поздравува мирното изразување на волјата на турскиот народ на гласачките места.

„Претседателот Бајден со нетрпение очекува да работи со оној што ќе биде победник во изборната трка“, рече Кирби, истакнувајќи дека во вториот круг турскиот народ ќе избира меѓу актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган и неговиот главен соперник во претседателската трка, Кемал Киличдароглу.

Тој, исто така, рече дека турскиот народ мора да одлучи како ќе изгледа нивната влада и додаде дека е очигледно оти турските гласачи го разбрале тоа и имало голема излезност на изборите.

„Секако беше добро да се видат Турците како излегуваат и гласаат и да се слушне нивниот глас“, рече Кирби, пренесе ТРТ БАЛКАН.

Во Турција на 28 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори откако во првиот круг ниту еден кандидат не освои мнозинство, а тоа денес го потврди и Врховната изборна комисија на Турција.