Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп денеска изјави дека „нема за што да се зборува“ за статусот на фудбалерот Мохамед Салах во клубот, по наводите за профитабилна понуда од саудиски Ал Итихад.
„ Салах е играч на Ливерпул, тој е неопходен за работите што ги правиме. Нема ништо. Да имаше нешто, одговорот ќе беше – не“, изјави Клоп, а пренесе Скај.
Британските медиуми објавија дека Ал Итихад понудил 100 милиони фунти за Салах , а Ливерпул постојано најавуваше дека 31-годишниот египетски напаѓач не е на продажба.
“Мојата животна филозофија е да размислувам за проблем само кога имам проблем. Во моментов нема ништо. Затоа не можам да размислувам за тоа”, изјави Клоп.
Во 2017 година, Салах се пресели од Рома во Ливерпул , за кој одигра 308 натпревари и постигна 187 голови.
Пред неполни две недели, агентот на играчот, Рами Абас, на социјалните мрежи изјави дека Салах е „тотално посветен“ на Ливерпул, а на прашањето дали се уште е така, Клоп одговори дека е „100 проценти“.