“САМО ОД ОВА СЕ ПЛАШЕВМЕ…“ – Виктор Орбан се правда: “Добив гаранции дека унгарските пари нема да завршат во Украина“
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, бранејќи ја својата одлука да се откаже од ветото за помошта за Украина, тврди дека добил гаранции дека средствата од европскиот Буџет наменети за Унгарија, кои се замрзнати, нема да завршат во Украина.
Виктор Орбан на социјалната мрежа Х (Твитер) објави дека на претходниот Самит на ЕУ во декември минатата година бил против пакетот помош за Украина од две причини.
„Едната е дека се плашевме дека европските фондови кои ни припаѓаат, а кои Европската комисија досега не ни ги даваше, порано или подоцна ќе завршат во Украина“, пишува Виктор Орбан и додава: „Друга причина е тоа што се плашевме дека средствата ќе и бидат достапни на Украина предолго и без контрола“.
Виктор Орбан вели дека успеал да преговара за надзорен механизам и гарантира дека парите во Украина ќе се трошат разумно и гарантира дека унгарските пари не можат да одат во Украина.
Лидерите на сите 27 земји-членки во четвртокот постигнаа договор за ревизија на повеќегодишниот Буџет, кој вклучува помош за Украина, на што Виктор Орбан досега се противеше. На вонреден Самит во Брисел договорија пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра.
Вонредниот Самит беше свикан само за да се обиде да добие согласност од Унгарија. На последниот состанок на Самитот во средината на декември, 26 земји-членки постигнаа договор за помош на Украина, а Унгарија беше против.
Според договорениот текст на заклучоците, Виктор Орбан не добил ништо за возврат на неговата согласност.
Во текстот се вели дека врз основа на годишниот извештај на Европската комисија, Европскиот совет секоја година ќе одржува дебата за спроведувањето на инструментот за Украина со цел да обезбеди насоки.
Виктор Орбан претходно побара сумата од 50 милијарди евра да се подели на четири наредни години, по 12,5 милијарди годишно и да се одлучува секоја година, со што ќе се задржи можноста да продолжи да се заканува со вето за да добие за возврат отстапки во однос на одмрзнувањето на европските фондови кои се замрзнати во Унгарија поради проблеми со владеењето на правото.
Во заклучоците се наведува и дека доколку е потребно, за две години Европскиот совет ќе ја покани Европската комисија да даде предлог за ревизија во контекст на новата повеќегодишна финансиска рамка (МФФ).
Сепак, одлуката дали има или не потреба од ревизија мора едногласно да ја донесат лидерите на земјите-членки на ЕУ, што значи дека Виктор Орбан би морал да ги натера останатите 26 лидери да се согласат за нов ребаланс на Буџетот, за што има нема апсолутно никаква шанса.